
Прво коло, прв официјален натпревар во својство на домаќин во кугланата Мусандра во Скопје против трофејниот Вардар, машки кугларски клуб кој секоја година се бори на меѓународна сцена, секогаш во самиот врв во МКЛ, двапати освојувач на Купот.
Збунува фактот зошто женски клуб против машки, но во овие услови во Македонија каде што имаме само два женски клуба, за да се одржува играчката форма на девојките, Федерацијата одлучи да играат во заедничка лига додека нема услови женската лига да се одвои од машката.

Тренерот Игор Михајловски одлучи овие први натпревари да ги ротира сите 10 играчи со цел да стекнат натпреварувачко искуство и да се одделат подобрите во формата од оние кои се помалку добри.
Беа постигнати следните резултати
Кугларка | Патеки | Резултат | Освоени сетови |
Ивана Трајчевска | 2 | 232 | 0 |
Андреа Велјановска | 2 | 259 | 1 |
Михаела Ристевска | 4 | 453 | 2 |
Михаела Петковска | 4 | 499 | 1 |
Данче Ѓуровска | 2 | 217 | 0 |
Тања Стојчевска | 2 | 189 | 0 |
Емилија Переска (к) | 4 | 464 | 1 |
Стефи Алексовска | 4 | 481 | 0 |
Вкупно | 2784 | 5 |
Први започнаа Ивана и Михаела Р. Изненадувачки, Миха го доби првиот сет, па после и вториот и противникот беше приморан да прави замена и да стави еден од најдобрите свои играчи за да го врати веќе изгубениот поен. Миха не успеа да парира на искусниот Бранко Митиќ, кој успеа да ги добие преостанатите 2 поени и да добие поен поради вкупно повеќе соборени дрва.

Ивана искугла коректно во чистење(68), но немаше доволно концентрација во полни. Беше заменета од Андреа која го имаше до тој момент рекордот на клубот од 484. Од два сета изваде одлични 259 кегли наговестувајќи дека е спремна да ја премине границата од 500.

Михаела П. го имаше најдобриот резултат денес, одлични 499 со убава и зрела игра иако на чистење (161) стигна до 10 промашени удари.


Данче имаше прв слаб сет, но во вториот ја крена публиката со неверојатно добри удари и со 52 на чистење (130) покажа колку може да биде опасна. Беше заменета од Тања која не успеа да ја наметне својата игра и заедно со Данче завршија на 406 дрва.
Капитенот Емилија започна лошо, па имаше феноменален втор сет и одлични 137 (45), немаше доволно спортска среќа, направи и огромен број на промашени удари (17) и заврши со 464 дрва.

Стефи имаше највеќе во полни (342), изигра коректно и со 13 промашени удари достигна до цифра од 481.
Доколку екипата во првата година успее да го преполови вкупниот број на промашени удари (82), веќе ќе може да се доближи и до првичната цел 2900-3000 чуњеви.
Освоените 5 сетови против машка искусна екипа составена од квалитетни куглари, без натрпеварувачко искуство, за женскиот кугларски клуб „Пелистер ТС Холдинг“ е навистина голем успех.
Секако дека останува уште многу работа околу отстранување на грешките и усовршува на техниката на младите кугларки кои едвај имаат едногодишно искуство со куглање, но потенцијалот на оваа екипа ветува за многу брзо да биди освоен и првиот поен, а зошто да не и првата победа.
Во однос на енергијата, другарството и колегијалниот дух на екипата, само оние кои беа присутни на денешниот натпревар можеа да се уверат за каква сплотена екипа се работи.

Второ коло е наредната сабота против екипата на 18 Август.